За нашиот патрон

За нашиот патрон РАЈКО ЖИНЗИФОВ

Рaјко Жинзифов е роден во Велес во влашко гркоманско семејство по потекло од Москополе (јужна Албанија), а доселено во Велес од Битола.

Во почетокот на 1856 година се вработил во Прилеп како помошник-учител на Димитар Миладинов. Работата како учител подоцна ја продолжил во градот Кукуш, каде заедно со Димитар Миладинов развиле голема преродбенска дејност.

Подоцна заминал за Русија и се запишал на Историско-филозофскиот факултет во Москва. Таму се движел во кругот на македонските студенти и, покрај учењето, се занимавал и со писателска, преведувачка и публицистичка дејност.

Во Русија заштита му пружа пред него дојдениот Константин Миладинов кој му е и прв толкувач на руската атмосфера. Осумнаесетте последни години од својот живот, Жинзифов ги поминал во борба со немаштијата како емигрант во Русија. Неговото познанство со двајцата браќа Миладиновци резултира со пишување на нивната биографија. Уште во московскиот седмичник „Ден“, во броевите од 17 ноември до 1 декември 1862 година, под псевдоним „Велешанин“, ги печател своите сеќавања за двајцата браќа стружани, во форма на впечатоци и спомени од личните контакти. Во Москва, во 1863 година ја издал својата прва и единствена стихозбирка која содржи негови песни, како и препеви од руски, украински и чешки јазик.

По завршувањето на универзитетот, се вработува како професор по старогрчки јазик во една од московските гимназии. Продолжува со книжевна дејност, но главно со превод и публицистика, а соработува и со руски, словенофилски и бугарски списанија од Цариград.

Жинзифов пишувал песни од кои посебно се значајни „Глас“ и „На Велигден“. Тој ја напишал и поемата „Крвава кошула“, која е издадена во 1870 во Браила, Романија на македонски јазик. Современиците на Жинзифов сметаат дека оваа поема ја напишал уште во Македонија, некаде во 1857 година. Во поемата се осудува турската тиранија и се опишува неподносливиот живот на нашите луѓе под турско ропство. Пишувана под силно влијание на украинските песни на Тарас Шевченко, поемата „Крвава кошула“ опишува вистинска случка за една мајка која откако Турците ѝ го убиле единствениот син, ја донесла неговата крвава кошула в град да ја покаже на народот во црковниот двор.

Творештвото на рајко Жинзифов го сочинуваат: Поемата "Крвава кошула" и Стихотворбите: Глас, Охрид, Просјак, Молитва - препев., Доба, Гарван, Брату си, Недопејана песња, До б’лгарската мајка, Стихотворение, Близ реката Вардар, Сељанка, После смртта на Н. Огњанов, Европеизмот во Шумен, На младенецот, Белграду, Жалба, Таен глас.

Тој исто така го напишал и првиот расказ во нашата литература под наслов: "На Прошедба".